ВИДЕО Поднесено обвинение за убиството во Штип: Петмина турски државјани ќе одговараат за ликвидацијата на Енес Оздемир

Основното јавно обвинителство Штип поднесе обвинителен акт против петмина турски државјани за нивната инволвираност во убиството на нивниот сонародник Енес Оздемир, кое се случи во кафуле во Штип во мај годинава. Еден од обвинетите се товари за директно извршување на убиството и за неовластено држење оружје, тројца за помагање во убиството, а една обвинета за помагање на сторителот по извршеното дело.

Според обвинението, 21-годишниот првообвинет, кој престојувал во земјава без регулиран престој, на почетокот на мај во Скопје набавил полуавтоматски пиштол „ФЕГ“ со избришан сериски број. На 8 мај, тој се сретнал со жртвата во кафе-бар во центарот на Штип, каде што по краток разговор, отишол до тоалетот, се вратил, го извадил пиштолот и испукал шест куршуми во Оздемир, усмртувајќи го на лице место.

Тројца од обвинетите, според обвинението, знаеле за намерата на убиецот и му пружиле логистичка поддршка. Тие му обезбедиле сместување во Скопје, му помогнале да го набави оружјето и на денот на убиството го превезле до Штип.

По ликвидацијата, групата ја повикала петтата обвинета, која со својот автомобил требало да ги превезе до Скопје. Обидот за бегство пропаднал пред наплатната рампа „Миладиновци“. Кога ја забележале полициската контрола, обвинетата застанала на околу 300 метри пред рампата за да му овозможи на убиецот да излезе и да избега пеш покрај автопатот. Тој подоцна бил пронајден и уапсен во близина, додека останатите од возилото, иако се обиделе да побегнат од полициската контрола, биле фатени и лишени од слобода.

Јавниот обвинител побарал од судот да ја продолжи мерката притвор за четворицата обвинети, додека за петтообвинетата на сила остануваат претходно определените мерки на претпазливост.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.