ХАОС НА АЕРОДРОМОТ ВО МИНХЕН: Дронови го запреа авиосообраќајот, полициски хеликоптер трагаше по сторителот

Воздушниот сообраќај на аеродромот во Минхен синоќа беше во целосен прекин повеќе од еден час, откако во близина на пистите беа забележани еден или повеќе дронови кои летале неовластено, предизвикувајќи голем безбедносен ризик. Како резултат на инцидентот, најмалку 11 летови беа пренасочени кон други аеродроми, а голем број други беа одложени.

Според извештајот на хрватски „Индекс“, аеродромот бил затворен за сообраќај вчеравечер, во периодот од околу 18:00 до 19:15 часот, додека траела големата полициска операција.

Веднаш по пријавата за дроновите, полицијата ангажирала и хеликоптер кој го надлетувал поширокиот реон на аеродромот во потрага по дронот и лицето кое управувало со него.

Летовите кои не можеле да слетаат во Минхен биле пренасочени кон Нирнберг, Франкфурт, па дури и Виена.

Иако авиосообраќајот подоцна е нормализиран, полицијата соопшти дека истрагата за „опасно попречување на воздушниот сообраќај“ продолжува и дека сè уште интензивно се трага по непознатиот сторител. Летањето со дронови во близина на аеродромите е строго забрането и се смета за сериозно кривично дело.

Читај и ова:

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.