ФИЛИПЧЕ ОБВИНИ ЗА СКАНДАЛ: Железници потпиша договор со фирмата ИРД, истата која ВМРО-ДПМНЕ ја нарекуваше криминална

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска обвини за огромен скандал и лицемерие, откривајќи дека Јавното претпријатие „Македонски железници и инфраструктура“ пред неколку недели потпишало договор со италијанската компанија „ИРД инженеринг“ – истата фирма која ВМРО-ДПМНЕ, додека беше во опозиција, жестоко ја напаѓаше и ја нарекуваше криминална.

Одговарајќи на новинарски прашања, Филипче потсети на обвинувањата од страна на високи претставници на ВМРО-ДПМНЕ, вклучително и вицепремиерот Николовски, кои тврдеа дека договорите со ИРД за надзор на автопатите од „Бехтел и Енка“ се „криминални зделки“.

„Обвинуваа дека фирмата работела само во Македонија и Молдавија, а не во Италија иако е италијанска. Поставуваа сомнеж како тоа да еден од директорите одговорен за Македонија претходно бил вработен во министерството за транспорт и врски. И сега, после сите тие обвинувања, после повиците до ОЈО да ги истражи тие таканаречени сомнителни зделки, тие потпишуваат договор со истата компанија“, изјави Филипче.

Според него, ова е најголем доказ дека целата кампања на ВМРО-ДПМНЕ била изградена на лаги и манипулации и дека нема крај на нивното лицемерие.

Изјавата на Филипче следуваше откако тој првично го коментираше ветувањето на кандидатот за градоначалник на Скопје од ВМРО-ДПМНЕ, Орце Георгиевски, за изградба на воз во Скопје, оценувајќи го како „уште едно во низата лажни ветувања“.

Следете го 4NEWS.mk на друштвените мрежи Facebook | Twitter | Instagram, како и преку нашиот Viber чет.