Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска упати жестоки обвинувања кон Владата, оценувајќи дека заедничката седница на владите на Северна Македонија и Србија е „најјасен доказ“ дека државата се лизга кон статус на „трета српска република“. Според ДУИ, додека албанските граѓани се пред историски референдум, владите на Мицкоски и Белград, со гостопримство од ВЛЕН, го запечатиле опасниот српски сентимент во земјава.
Од опозициската партија тврдат дека новите договори, кои се претставуваат како „економска соработка“ и „регионална стабилност“, во суштина претставуваат „целосно заземање на државата од страна на Белград, со благослов на ВЛЕН“.
Како доказ за своите тврдења, од ДУИ наведоа цела низа на факти, меѓу кои:
- Именувањето на Иван Стоилковиќ за вицепремиер за Охридскиот договор.
- Прифаќањето српски донации за изградба на цркви во Тетово.
- Државниот пречек на Милорад Додик во Скопје.
- Учеството на Српската православна црква во државни церемонии.
- Потпишувањето на договори за енергетика од страна на директори на ВЛЕН со српски компании.
- Продорот на српски компании во телекомуникациите.
- Дозволата за влез на српската „Алта Банка“ на македонскиот финансиски пазар, издадена на 10 септември од претседателката на Комисијата за хартии од вредност, Бујаре Абази, која од ДУИ го нарекоа „институционален криминал потпишан и запечатен од ВЛЕН“.
Од партијата јавно прашуваат што било разговарано на средбите меѓу Скопје и Белград, за што се договориле двете влади на штета на интересите на Албанците и кои други области ќе бидат предадени на српското влијание.
„Вистината е едноставна: Мицкоски и ВЛЕН се алатки на ‘Српскиот свет’, додека Албанците ја плаќаат и ќе ја плаќаат цената на ова сервилност“, се вели во соопштението на ДУИ. Тие порачаа дека остануваат цврсто во одбрана на Охридскиот договор, албанскиот јазик и националните интереси, кои, како што велат, не можат да се продаваат на масите во Белград.
Читај и ова:
- 1.Дневен хороскоп за 5 октомври 2025 година
- 2.Она што Германците го избегаваат, Балканците го купуваат: Половни автомобили би можеле да ги преплават патиштата поради една регулатива
- 3.Зајкова на Скопски маратон: Не трчаме само за гласови, трчаме за иднината
- 4.Први снимки од експлозијата на воз во Украина – Сè е разбиено, мрачни вести за бројот на повредени
- 5.Русија спроведува масовни воздушни напади низ Украина!