Македонија

Почина 16-годишното момче по сообраќајната несреќа со пратеникот од Левица

Почина 16-годишното момче по сообраќајната несреќа со пратеникот од Левица

Почина 16-годишното момче од Идризово кое на 14 септември се повреди во сообраќајната несреќа што се случи во село Марино, општина Илинден. Од семејството за Канал 5 потврдија дека момчето им подлегнало на тешките повреди.

Несреќата се случила кога мопед управуван од 16-годишникот удрил во џип марка „Хјундаи Тусон“ со гевгелиски регистарски ознаки, управуван од С.Ј. (36) од Гевгелија, кој според информациите е пратеник од партијата Левица.

Во судирот, со тешки телесни повреди се здобиле тинејџерот и неговата 13-годишна сопатничка од Илинден, кои биле пренесени на Клиниката „Мајка Тереза“. Возачот на автомобилот и неговиот сопатник (25) од Вевчани се здобиле со полесни повреди и биле згрижени во Градската болница „Св. Наум Охридски“.

На местото на несреќата увид извршила екипа од СВР Скопје, а по наредба на јавен обвинител, возачот С.Ј. бил лишен од слобода околу 04:00 часот поради сомнение за „загрозување на безбедноста на сообраќајот“ и „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“, според членовите 297 и 300 од Кривичниот законик. По целосно документирање на случајот, ќе следи соодветна пријава, соопшти МВР.

Од партијата Левица реагираа дека Јанчев не возел под дејство на алкохол и дека не ја надминал дозволената брзина, додавајќи дека мопедот се забил во совозачката врата на возилото.

„Несреќата се случи по полноќ, кога нерегистриран и технички неисправен моторцикл без светло, управуван од малолетник без возачка дозвола и заштитна кацига, со неприлагодена брзина се забил во совозачката врата на автомобилот управуван од пратеникот Јанчев, кој имал вклучен жмигавец за свртување десно“, соопштија тогаш од МВР.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни