Во своето прво појавување во јавноста по летниот одмор, на прославата по повод 18-годишнината на Охридскиот рамковен договор, Премиерот Зоран Заев, денеска остро одговори на новинарското прашање за неговата можна поврзаност со случајот “Рекет”.
“Шпекулациите со кои се обидува некој да ме инволвира, уште еднаш ќе кажам – jас сум Зоран Заев. Дојдов благодарение на гласовите на граѓаните, борејќи се за слобода, демократија, за правна држава, за владеење на правото, за нормална држава. Јас сум борец човек и ќе продолжам да се борам за овие вредности до крај додека граѓаните ми даваат позиција. Секако дека нема да дозволам неколку криминалци, еден суетен новинар и нека ми извини ЛГБТ заедницата, и еден педер, да ја симнат Владата од власт”, изјави премиерот Зоран Заев.
Уранија Пировска, извршната директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права на својот Фејсбук профил по изјавата на Заев напиша дека „се што се правело досега било тешка демагогија“.
„Гнасно по многу основи! Толку од прифаќањето на различностите и нивното почитување! Тешка демагогија било се што се збореше и правеше претходно! НЕ Зоран Заев, ЛГБТИ заедницата нема да ти прости!“, напиша Уранија Пировска – директор на Хелсиншки комитет.
Премиерот беше прашан и дали имал комуникација со специјалната обвинителка Катица Јанева:
„За мене е идиотски настапот, засега согласно доказите кои што ги има. Очекувам доказите и истрагата да покажат за сè, вклучително и за Катица Јанева и за Зоран Заев и апсолутно само така ќе покажеме дека има владеење на правото“, додаде Заев.
Осомничениот во „Рекет“ Боки 13 во разговорите со сведокот Камчев, објавени од италијанскиот весник „Ла Верита“, постојано ја истакнува својата блискост со премиерот Заев и му ја гарантира на Камчев неговата поддршка. Заев додава дека по доаѓањето на новата Влада, тие создале услови правосудството да работи непречено. Повика Обвинителството да ги изнесе сите докази кои ги има, дури и за него и Катица Јанева, доколку постојат, посочувајќи дека секој ќе сноси одговорност.
РЕПОРТЕР: ЈОВИЦА ПАУНОСКИ