Канцеларијата на Народниот правобранител ќе биде отворена и достапна за граѓаните во текот на целиот изборен ден во недела, 19 октомври, за пријавување на каква било повреда на избирачкото право. За таа цел, од 7:00 до 19:00 часот ќе функционира бесплатната телефонска линија 0800-54321.
Покрај бесплатната линија, граѓаните ќе можат да пријават нерегуларности и лично во сите седум канцеларии на Народниот правобранител во Скопје, Битола, Кичево, Куманово, Струмица, Тетово и Штип. Исто така, отворени ќе бидат и директните телефонски линии во регионалните канцеларии:
- Тетово: 044 344-082
- Струмица: 034 329-996
- Кичево: 045 228-586
- Битола: 047 242-310
- Штип: 032 389-701
- Куманово: 031 431-488
Од канцеларијата на Народниот правобранител најавуваат дека по секоја пријава ќе преземаат итни мерки за да обезбедат ефективно постапување од страна на надлежните органи во изборниот процес.
„Избирачкото право е уставно загарантирано како еднакво, општо и непосредно и се остварува на слободни избори со тајно гласање. Никој не смее да биде повикан на одговорност заради остварување на ова право, поради што повредата на слободата на определувањето на избирачите… се казниви дела“, потсетуваат од институцијата.
Народниот правобранител, исто така, апелира до сите учесници во изборниот процес да ги почитуваат здравствените протоколи утврдени за начинот на гласање.