Македонија

2162 затвореници и 8851 болни и немоќни лица денеска гласаат пред утрешните локални избори

2162 затвореници и 8851 болни и немоќни лица денеска гласаат пред утрешните локални избори

Денеска, еден ден пред главното гласање за Локалните избори 2025, своето избирачко право го остваруваат 2162 затвореници, лица во домашен притвор, 8851 болни и немоќни лица и 442 жители на старските домови.

Според податоците од Избирачкиот список, во казнено-поправните установи ќе гласаат вкупно 2162 затвореници, од кои најмногу во КПД Идризово – 938, потоа во затворот Шуто Оризари – 391, штипскиот затвор – 237 и прилепскиот – 119. Гласање ќе се спроведе и кај лицата што се во домашен притвор, доколку претходно се пријавиле за тоа право.

Членовите на избирачките одбори денеска ќе ги посетат 8851 болни и немоќни лица во нивните домови, кои поднеле и добиле одобрение за гласање. Вкупно биле поднесени 9217 пријави, но дел од нив биле одбиени поради неисполнување на условите.

Во старските домови ќе гласаат 442 лица, што е за осум помалку од првично најавената бројка, бидејќи Домот „Арија“ е затворен, соопшти Државната изборна комисија (ДИК).

Утре, на 19 октомври, во земјата ќе се одржат осмите локални избори од независноста, а четврти на кои ќе се избираат градоначалници и советнички листи во 80 општини и Град Скопје.

Граѓаните ќе гласаат на 3474 избирачки места за 309 кандидати за градоначалници и 576 советнички листи, со вкупно 10.490 кандидати. На изборите учествуваат 22 политички партии, 19 коалиции и 119 групи на избирачи (независни кандидати).

Најмногу кандидати за градоначалник има во Град Скопје – 16.

Право на глас имаат 1.832.415 граѓани, од кои 1.717.803 гласаат во земјата, а околу 112 илјади се запишани во посебниот список како иселени лица. Гласање во дијаспората не се спроведува, но лицата што привремено престојуваат во странство ќе можат да гласаат доколку се во Македонија на денот на изборите.

Гласањето ќе се одвива од 7:00 до 19:00 часот.

Изборната кампања заврши синоќа на полноќ, со што започна изборниот молк, кој ќе трае до недела, 19 октомври, во 19:00 часот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни