Македонија

Основното јавно обвинителство отвори предмет по уривањето на спомен-куќата на Владо Малески во Струга

Основното јавно обвинителство отвори предмет по уривањето на спомен-куќата на Владо Малески во Струга

Основното јавно обвинителство Струга отвори предмет по уривањето на спомен-куќата на авторот на македонската химна, Владо Малески, информираат од Обвинителството.

„При вршење градежни работи од страна на лице од Велешта во близина на објектот, беше оштетен јужниот ѕид и дел од кровната конструкција на куќата, заштитена како културно наследство. На 16 октомври јавен обвинител изврши увид на лице место во присуство на вешто лице од градежната струка. Наредено е вештачење и се преземаат други дејствија за утврдување на околностите на настанот“, се наведува во соопштението.

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, најави дека веднаш ќе започне изработка на проект за обнова и реставрација на заштитениот објект. Тој истакна:

„Најостро ги осудувам сите постапки што доведуваат до уништување или загрозување на заштитени објекти. Културното наследство е непроценливо богатство кое не смееме да го загрозуваме од небрежност, несовесност или краткорочни интереси.“

Инспекциската служба на Управата за заштита на културното наследство констатирала сериозни оштетувања.

Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) побара итна санација и враќање на спомен-куќата во првобитната состојба, истакнувајќи дека објектот има статус на поединечно заштитено добро и дека случајот го следат со голема загриженост.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни