Попладнево во Кочани се одржа 27. „Марш за ангелите“ по дождливо време, според вообичаената рута, но без официјални изјави од родителите на загинатите, кои досега обично комуницираа со јавноста на тој начин.
Преку пораки на транспарентите, родителите повторно ги обвинија институциите за трагедијата во дискотеката „Пулс“, барајќи правда и праведно судење. За време на маршот, десетина минути беше блокиран сообраќајот на улицата „Стево Теодосиевски“, кај двојниот мост на Кочанска Река.
Маршот започна од „Паркот на Револуцијата“ и продолжи кон Трговскиот центар, а потоа кон Основниот суд, со кратки запирања пред зградите на УЈП и Полициската станица.
„Марш за ангелите“ заврши на истото место каде и започна – во „Паркот на Револуцијата“.