Еден од лидерите на коалицијата ВЛЕН и новоизбран градоначалник на општина Чаир, Изет Меџити, изјави дека по локалните избори ќе дојде до распуштање на коалицијата „Национална алијанса за интеграција“ (НАИ), предводена од ДУИ, и дека во редовите на оваа партија следуваат сериозни структурни промени.
Меџити, кој во првиот изборен круг го победи кандидатот на НАИ, Бујар Османи, во гостување на ТВ21 зборуваше за политичките процеси во албанскиот блок по изборите и потенцираше дека резултатите покажале јасна промена во расположението кај гласачите.
„По заминувањето на Арбен Таравари, тие очекуваа дека ќе задржат 90 отсто од гласачкото тело. Но, лидерите може да си заминат, членството останува. Резултатите покажаа дека поддршката не е таму каде што мислеа. Сега не станува збор само за пораз, туку за чувство на изгубена надеж. Очекувам НАИ да се распушти и да се формираат нови политички движења,“ изјави Меџити.
Тој додаде дека дел од гласачите на НАИ веќе воспоставиле контакти со ВЛЕН и дека постои интерес за приклучување кон оваа коалиција. „Добар дел од нив веќе се движат кон ВЛЕН. Постојат комуникации и тоа се чувствува на терен,“ рече Меџити.
Во однос на шпекулациите дека лидерот на едното крило на Алијансата за Албанците, Зијадин Села, би можел да стане дел од Владата, Меџити изјави дека не ја исклучува таквата можност. „Не го негирам тоа. Можно е. Политичката сцена кај Албанците е многу променлива, се случија турбуленции и очекувам уште промени,“ изјави Меџити.