Македонија

Аеродромите во Скопје и Белград предводат по раст на патници оваа зимска сезона

Аеродромите во Скопје и Белград предводат по раст на патници оваа зимска сезона

Аеродромите во Скопје и Белград се очекува да забележат најголем раст во регионот оваа зимска сезона, со по повеќе од половина милион патници повеќе, пред сè поради проширувањето на линиите на „Виз Ер“.

Според зимскиот ред на летање, Скопскиот аеродром планира да опслужи околу 548 илјади патници повеќе отколку лани до 28 март, додека Белградскиот аеродром очекува раст од 518 илјади патници. Аеродромот во Охрид, пак, предвидува зголемување од 24 илјади патници, објави специјализираниот портал „Ex-Yu Aviation“.

Речиси сите аеродроми во поранешна Југославија ја зголемуваат својата капацитетност во споредба со претходната година. Аеродромот во Загреб го комплетира првото тројство со најголем раст, со 176 илјади патници повеќе, а главен двигател таму е „Кроација Ерлајнс“, која ја проширува својата флота и мрежа.

По Загреб, четврти по раст е аеродромот во Сараево со 113 илјади патници повеќе, потоа следуваат Тузла со 96 илјади, Љубљана со 91 илјада и Ниш со 88 илјади патници.

Вкупно, пазарот на поранешна Југославија оваа зимска сезона нуди 13.165.258 седишта на редовни летови распределени во 84.633 авио операции.

Најпрометни меѓународни дестинации за авиокомпаниите од регионот се Истанбул со 473.568 патници, Цирих со 414.502 и Истанбул Сабиха Гокчен со 342.704 патници.

До сега, за оваа зимска сезона се закажани вкупно 26 нови рути од аеродромите во поранешна Југославија.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни