Државниот завод за статистика објави дека во 2024 година, дури 65,5 проценти од вкупната потребна енергија во земјава биле обезбедени преку увоз.
Вкупната потребна енергија во земјата минатата година изнесувала 2.541.849 тони нафтени еквиваленти (toe). Нафтените продукти имаат најголемо учество во структурата на потрошувачката – 44,7 проценти, а по нив следуваат цврстите горива со 24,9 проценти.
Бруто-примарното производство во 2024 година достигнало 842.142 toe, што е за 10,6 проценти помалку во однос на 2023 година. Најголем пад е забележан кај производството на лигнит – 20,9 проценти, и кај хидроенергијата – 15,8 проценти. Од друга страна, соларната електрична енергија бележи највисок раст од дури 140 проценти.
Финалната енергетска потрошувачка во земјава изнесувала 1.859.697 toe, од кои најголем дел отпаѓа на сообраќајот со 47,6 проценти, потоа на домаќинствата со 26,1 проценти, индустријата со 16,9 проценти и останатите сектори со 8,4 проценти.
Учество на обновливите извори во бруто-производството на електрична енергија е 39,4 проценти, додека нивниот удел во вкупната домашна потрошувачка изнесува 35,4 проценти.
Потрошувачката на електрична енергија во домаќинствата изнесува 1.727 киловат-часови по жител на годишно ниво.