На денешната прес-конференција, членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, оцени дека изборниот процес поминал мирно, демократски и достоинствено.
„На крајот од овој значаен изборен ден, можеме со гордост да кажеме дека Македонија уште еднаш покажа зрелост, достоинство и демократска свест. Денес, нашата држава помина низ мирни, фер и демократски избори кои се гордост за секој наш граѓанин“, изјави Манасиевски.
Тој им упати благодарност на сите граѓани кои излегоа на гласање, нагласувајќи ја нивната одлучност и доверба: „Ви благодариме за поддршката, за вербата и за тоа што застанавте на вистинската страна, на страната на напредокот, вредностите и стабилноста.“
Манасиевски посочи дека сите извештаи покажуваат дека изборниот ден се одвивал во мирна и достоинствена атмосфера, што според него е доказ дека Македонија знае да спроведе демократски избори по највисоки стандарди.
„Ние како ВМРО-ДПМНЕ очекуваме одличен изборен резултат. Во првиот круг граѓаните го направија вистинскиот избор, а сега во вториот, очекуваме разликата да се зголеми во наш прилог. Очекуваме голема победа!“, додаде Манасиевски.
Тој истакна дека партијата е подготвена да одговори на очекувањата на граѓаните: „Знаеме дека граѓаните очекуваат резултати, решенија и нова енергија. Ние таа доверба нема да ја изневериме. Од утре продолжуваме со работа, со уште поголема посветеност и одговорност.“
Манасиевски најави дека вечерва, на следните прес-конференции, ќе почнат со објавување на првите неофицијални резултати од гласањето.