Премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, вечерва изјави дека гласовите не припаѓаат на ниту една партија или лидер, коментирајќи ги шпекулациите дека дел од коалициските партнери на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои и движењето ВЛЕН, не го поддржале кандидатот Орце Ѓорѓиевски во вториот изборен круг за градоначалник на Скопје.
„Никој гласовите не ги чува во џеб, ниту може да ги испорача од џеб. Видовме чесна заложба за Орце Ѓорѓиевски. Факт е дека гласачите кои гласаа за ВЛЕН не излегоа и не го поддржаа Орце Ѓорѓиевски. Претпоставувам дека таква била нивната одлука,“ изјави Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање.
Тој нагласи дека, и покрај тоа, резултатите покажуваат убедлива победа на ВМРО-ДПМНЕ и потврда дека граѓаните ја поддржуваат политиката на промени.
„Оваа победа е доказ дека граѓаните ја препознаваат енергијата и промената што ја носи новото политичко време,“ додаде Мицкоски.