Македонија

Мицкоски прослави во Кичево: Испишавме историја! Кичево се ослободи од Дехари кој се богатеше на грбот на граѓаните

Мицкоски прослави во Кичево: Испишавме историја! Кичево се ослободи од Дехари кој се богатеше на грбот на граѓаните

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, доцна синоќа замина за Кичево за да му ја честита победата на новиот градоначалник Александар Јовановски над досегашниот, Фатмир Дехари.

Прославувајќи го резултатот, Мицкоски објави дека во Кичево е испишана историја.

„Кога единството е посилно од поделбите, кога желбата за правда е посилна од криминалот и кога сите граѓани имаат силна волја за иднина, посилна од хаосот и безредието. Јасно е дека се работи за Кичево. Вечерва во градот кој испиша историја!“, напиша Мицкоски на својот Фејсбук профил, објавувајќи фотографии од прославата.

Обраќајќи им се на насобраните, тој им се заблагодари на граѓаните за поддршката.

„Ви благодарам Кичево, ви благодарам кичевчани, навистина окото е полно и душата е полна. Ви благодарам за сè што правите за нас“, рече Мицкоски, честитајќи му на Јовановски и посакувајќи му успешна работа.

Владина поддршка и остри критики за Дехари
Мицкоски вети силна поддршка од централната власт за новата локална администрација.

„Ние како Влада, заедно со него, ќе сториме сè што можеме и сè што е во наша моќ да реализираме проекти, многу проекти кои ќе значат подобар живот за кичевчани и модерно, поубаво Кичево“, рече тој, додавајќи дека од утре „треба да се засукаат ракавите“ бидејќи ги чека многу работа.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ упати остри критики кон поранешниот градоначалник Дехари.

„Кичево гласаше денеска за слобода, Кичево денеска се ослободи од човекот којшто се богатеше на грбот на кичевчани – и Македонци и Албанци и Турци и Роми и Срби и Власи и сите останати. Човекот којшто изгуби човечност, којшто уценуваше, човекот којшто го засрамуваше и сопственото семејство со тоа што го слушавме. Тој е веќе минато, заборавено минато коешто никогаш повеќе нема да му се повтори на овој преубав град, наше заедничко Кичево“, изјави Мицкоски.

Претходно, уште додека беше во Скопје, Мицкоски порача дека „заврши ерата на раскалашаноста на Дехари и дека почнува ера на соживот и просперитет во Кичево“.

„Победа на сплотувањето“
Според Мицкоски, Кичево со Јовановски добило „родител, татко, сопруг, доктор“, но најважно, добило сплотување и обединување. Тој им се заблагодари на сите што гласале за Јовановски, без разлика на етничката припадност.

Победата во Кичево, тој ја стави во контекст на целокупниот изборен резултат, потврдувајќи дека неговата коалиција освоила вкупно 55 градоначалнички места.

„Заедно со огромното мнозинство во Парламентот и поддршката што ја добивме пред година и половина на парламентарните и претседателските избори, како и поддршката што ја добивме на локалните избори во 2021 година, заокружуваме еден историски циклус“, рече тој.

Мицкоски вети „напорна, трудољубива и пред сè, чесна работа“ и повторно ги повика сите граѓани на обединување: „Ова е наша заедничка држава и заедно ќе си ја градиме“.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни