Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, д-р Венко Филипче, на прес-конференција по завршувањето на вториот круг од локалните избори изјави дека резултатите потврдуваат оти СДСМ останува најсилната опозициска партија во државата. Тој нагласи дека изборите претставуваат важна поука и насока за идната работа и понатамошното позиционирање на партијата во интерес на граѓаните и државата.
„Согласно изборниот резултат на советничките листи и бројот на освоени гласови, СДСМ е втора партија во земјата и прва во опозицискиот блок. Ова е поттик да продолжиме и силно да се бориме против оваа власт, која никогаш повеќе нема да има таква поддршка каква што имаше на изборите минатата година,“ изјави Филипче.
Тој додаде дека резултатите од вториот круг претставуваат јасен сигнал за идните чекори на СДСМ и за насоката во која ќе се движи партијата.
„Овие избори се јасен патоказ за СДСМ, а истовремено и за мене како претседател на партијата,“ рече Филипче.