Македонија

„Треба ли нова хаварија?“: Крстевски предупредува за темпирани бомби во Кочани, додека обвинителот Јанев порача – „Пулс“ стана масовна гробница поради отровот во ѕидовите

„Треба ли нова хаварија?“: Крстевски предупредува за темпирани бомби во Кочани, додека обвинителот Јанев порача – „Пулс“ стана масовна гробница поради отровот во ѕидовите

Додека јавноста сè уште е во шок од воведните зборови на обвинителството за трагедијата во „Пулс“, поранешниот в.д. градоначалник на Кочани, Венко Крстевски, излезе со алармантно предупредување. Тој јавно прашува дали лекцијата е научена, посочувајќи дека во градот сè уште функционираат дивоградби за кои институциите молчат, и покрај поднесените кривични пријави.

Реакцијата на Крстевски доаѓа во момент кога обвинителот Борче Јанев во судницата сликовито опиша како системската негрижа претворила еден ноќен клуб во „масовна гробница“.

Крстевски: Поднесов пријави пред 5 месеци, инспекторите ме саботираа

Во својот фејсбук статус, Крстевски обелоденува дека опасноста во Кочани не завршила со затворањето на „Пулс“. Тој посочува кон конкретни угостителски објекти сместени во Трговскиот центар, за кои тврди дека се дивоградби и потенцијална нова опасност.

„Што правиме со дивоградбите угостителски објекти во трговски, за кои поднесов кривична пријава пред точно 5 месеци, бидејќи имав саботажа од општинските инспектори?! Треба ли да се случи нова хаварија со човечки жртви за да се постапува? Што значи правда за Кочани, ако лекцијата не е научена?“ – прашува Крстевски.

Неговата изјава фрла сериозен сомнеж врз работата на локалниот инспекторат и сугерира дека и покрај трагедијата со 63 жртви, институционалната заштита на незаконските градби сè уште постои.

Обвинителот Јанев: „Пулс“ убиваше со отров во ѕидовите, не само со оган

Паралелно со предупредувањата на Крстевски, зборовите на обвинителот Борче Јанев од судницата одекнуваат како тешко обвинение против целиот систем. Тој детално ги наброја сите „ако“ – сите безбедносни стандарди кои, доколку биле почитувани, ќе ги спаселе животите на младите.

Според Јанев, клубот бил смртоносна стапица обложена со материјали кои убиваат побрзо од самиот пламен.

„Ако овој објект ги исполнуваше стандардите, ако вратите беа доволни и проодни, ако плафонот и ѕидовите не беа обложени со отров што убива побрзо од пламен, ако имаше функционална вентилација, ако постоеше противпожарен систем, ако имаше навремена контрола, надзор и санкција — пожарот сам за себе ќе се запаметеше како опасен инцидент, но не и како масовна гробница,“ истакна Јанев.

Правда како последица на незаконитост, а не одмазда

Пораката од судницата е јасна – се бара конкретна одговорност, со име и презиме. Обвинителот нагласи дека правдата во овој случај не е за утеха или одмазда, туку е неопходна последица на незаконитоста што владеела.

„За светлата во дискотеките никогаш повеќе да не го заслепат разумот и за ниту еден лажен сјај, самоволие и привид на контрола и постапување… никогаш повеќе да не бидат посилни од човечкиот живот,“ поентираше обвинителот.

Останува отворено прашањето дали надлежните институции ќе ги истражат наводите на Крстевски за трговскиот центар во Кочани пред да биде предоцна, или „привидот на контрола“ за кој говори обвинителот сè уште е реалност на терен.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни