„На сите рацете ни се кривави. Моите се кривави затоа што молчев, предолго молчев, за да не бидам исфрлен од судско-адвокатско-обвинителскиот клуб каде работите се прават добро, а само понекогаш правилно.“
Со оваа шокантна интроспекција и критика на правосудниот систем, адвокатот Благој Јованов го започна своето излагање. Тој упати директен удар кон Јавното обвинителство, прашувајќи каде биле тие во 2012 година.
„Зошто не гонеле тогаш?“ „Доколку гонеле во 2012, можеби пожарот немаше да се случи. Доколку истражиле фалсификување на исправа, можеби клубот немаше да постои. Но, почитувани, таквото резонирање е правно неиздржано,“ истакна Јованов.
Адвокатот ја оспори логиката на обвинението, тврдејќи дека Обвинителството се обидува да примени физички закони во кривичното право, што е недозволиво. „Постои принцип на причинско-последична врска, кој бара директна врска. Но, ОЈО ни нуди принцип на ’ефект на пеперутка‘, кој се применува во физиката – каде еден настан предизвикува друг, па трет. Овој принцип не се користи во правото, бидејќи изместувањето на било кој од тие настани може да доведе до главниот настан,“ објасни Јованов, рушејќи ја тезата дека административните пропусти се директна причина за пожарот предизвикан од пиротехника.