Министерството за дигитална трансформација доставило до Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) нов налог за блокирање дополнителни 104 веб-страници преку кои, според Министерството, нелегално се приредуваат онлајн игри на среќа. Со досегашните налози за блокирање се опфатени вкупно 462 записи.
АЕК треба во рок од пет дена од приемот да го проследи налогот до операторите на електронски комуникациски мрежи. Тие, пак, треба веднаш да постапат и да го ограничат пристапот до наведените страници, со известување за причината за блокирањето, се наведува во соопштението.
Од Министерството велат дека мерките се насочени кон спречување на нелегалното онлајн коцкање и заштита на граѓаните од ризиците при споделување лични и финансиски податоци на вакви платформи. Посебен акцент, како што посочуваат, е ставен на заштитата на малолетниците и спречувањето на нивната изложеност на онлајн игри на среќа.
Министерството апелира граѓаните да не споделуваат лични и финансиски податоци на непроверени веб-страници, а родителите и старателите да посветат дополнително внимание на онлајн активностите на децата и да разговараат со нив за ризиците на интернет.