Македонија

Не издржаа ниту 24 часа – оштетени таблите на „Воин на коњ“ и „Олимпија“

Вчера беа поставени ознаките на спомениците на плоштадот, согласно Преспанскиот договор. Но, не поминаа ниту 24 часа, непознати сторители ги извадија. Оштетена, но и понатаму стои таблата на „воинот на коњ“, додека ознаката на споменикот Филип Втори ја нема.

На поставените ознаки пишуваше дека фигурите припаѓаат на античката Хеленска историја и цивилизација. Според дел од граѓаните неприфатливо е да се продаваат фигури од македонската култура. Велат дека поставување на вакви табли претставува откажување од македонската историја.

Друг граѓанин со став дека можеби е вистина дека овие фигури ѝ припаѓаат на хеленската култура.

Од Град Скопје велат дека ќе ги санираат штетите и дека ознаките ќе бидат поставени повторно. Додаваат дека сега за сега сторителите не се идентификувани.

Имаше и граѓани кои не беа заинтересирани за ова прашање. И додека се очекува да се пронајдат сторителите, туристите продолжуваат да се фотографираат и да уживаат во убавините на фонтаните. Инаку, таблите беа поставени на македонски, албански и англиски, а се во надлежност на Град Скопје. Во меѓувреме, други граѓани со спреј се обидуваат да го вратат симболот „знамето од Кутлеш“ на шахтите, кој започна да се отстранува вчера, според Договорот од Преспа.

РЕПОРТЕРКА: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни