Почнувајќи од денеска, компирите и природниот мед нема да се извезуваат од Северна Македонија во Република Косово. Косовскиот министер за трговија и индустрија, Ендрит Шала, вели дека оваа реципрочна мерка ја донел како одговор кон неоправданите тарифни бариери кои Македонија ги воведе кон Косово за икра и млада риба.
Од Министерството за економија на Македонија, ги отфрлаат наводите на косовскиот министер дека не биле информирани за донесената мерка за увозот на икра и млада риба. Мерката е воведена согласно прописите на Европската Унија, велат од кабинетот на министерот Бектеши.
Од ресорното министерство исто така додаваат дека во последно време Агенцијата за храна се потрудила да го надмине проблемот, но дека од Косово не добиле податоци за животинскиот и рибниот здравствен статус. -Претставниците на Косово ни рекоа дека системот за надзор на рибни болести во Косово не се следи, велат од кабинетот на Бектеши, додавајќи дека во секој момент се подготвени да се соочат со аргументи. Најавуваат дека в понеделник ќе организираат итен состанок на кој ќе учествуваат министерот за економија, министерот за земјоделство, директорот на Царинската управа, претставници Агенцијата за храна и ветеринарство, на кој ќе се преземат активности за разрешување на последиците од воведената мерка од страна на косовското министерство.
РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ