Корегиран е насловот по објавата на веста
Бензинските пумпи ќе бидат опремени со системи за вештачка интелигенција кои автоматски ќе ги идентификуваат возилата што не ги исполнуваат пропишаните еколошки стандарди.
Индискиот главен град Делхи воведе ново ограничување за возила со мотори со внатрешно согорување, бидејќи од 31 март 2025 година, бензинските пумпи повеќе нема да можат да полнат автомобили постари од 15 години. Мерката има за цел да го намали загадувањето на воздухот, што го рангира Делхи меѓу најлошите метрополи во светот.
Според „Индијан експрес“, бензинските пумпи ќе бидат опремени со системи за вештачка интелигенција кои автоматски ќе ги идентификуваат возилата што не ги исполнуваат пропишаните еколошки стандарди. Се проценува дека забраната ќе влијае на речиси 100.000 регистрирани возила во градот со 21,5 милиони жители.
Покрај мерките за патнички возила, Делхи планира масовна електрификација на јавниот превоз. Во текот на следната година, градската влада планира да замени 90% од своите автобуси, кои во моментов главно користат компримиран природен гас (CNG), со 8.000 електрични автобуси. Ова е дел од долгорочен план за намалување на емисиите и подобрување на квалитетот на воздухот во главниот град.
Делхи веќе неколку години има забрана за возила со бензински мотори постари од 15 години и дизел мотори постари од 10 години, но мерките не се строго спроведувани досега.
Претходната влада на левичарската партија Аам Аадми (ААП) не успеа целосно да ги спроведе контролите, што беше критикувано од владејачката хинду националистичка БЏП, која ја презеде власта во Делхи во февруари и вети построги мерки за подобрување на животната средина.
Мерките на Делхи се дел од поширокиот глобален тренд кон почисти форми на мобилност, но тие исто така покренуваат прашања за влијанието врз жителите кои можеби не можат да си дозволат понови возила или електрични алтернативи.