Собранието попладнево ја усвои „Резолуцијата за осуда на манипулациите на опозицијата и потврда на политиките против нелегалната миграција“ со 65 гласа „за“ и пет „против“.
Пратениците од СДСМ ја напуштија седницата, тврдејќи дека мигранти сепак ќе има во земјата.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски, истакна дека резолуцијата ја потврдува јасната политика на Владата против нелегалната миграција и дека нема да се дозволи изградба на мигрантски кампови или трајно сместување на мигранти. Потенцира дека документот има и превентивна улога, испраќајќи порака дека прашањата за безбедност и миграција не смее да се користат за политички поени.
Пратениците од опозицијата, меѓу кои СДСМ, ДУИ, Левица и Алијанса за Албанците, резолуцијата ја оценија како „штетна и атипична“, предупредувајќи дека го загрозува правото на говор, поларизира општеството и создава опасен преседан за парламентарната демократија.
Пратеникот Сали Мурати од Движење на Турците во Македонија рече дека предлогот претставува „директен напад врз темелните вредности на демократијата“, додека координаторката на ДУИ, Рина Ајдари, предупреди дека резолуцијата префрла дебатата кон политичко етикетирање.
Беким Ќоку од Вреди, пак, истакна дека резолуцијата е сериозен демократски одговор на обидите за манипулации и дезинформации околу миграцијата.
Собраниската Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците претходно даде поддршка за усвојување на документот.