Македонија

Герасимовски: Затворено градилиштето на „Теодосиј Гологанов“, Центар позајмува градежни инспектори од други општини

Герасимовски: Затворено градилиштето на „Теодосиј Гологанов“, Центар позајмува градежни инспектори од други општини

Градилиштето на улицата „Теодосиј Гологанов“ во Скопје е затворено, а Општина Центар се соочува со недостиг од градежни инспектори, поради што е принудена да ангажира инспектори од други општини. Ова го откри градоначалникот на Центар, Горан Герасимовски, во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ.

Одговарајќи на прашањето дали се преземени мерки против инвеститорот на градилиштето на улицата „Теодосиј Гологанов“, Герасимовски потврди дека објектот во моментов е затворен.

„Да, истото е во моментов затворено. Ова е второ градилиште овие четири години коешто е исто така затворено“, изјави Герасимовски.

Тој посочи дека целта на инспекциските контроли е да се воспостави поголем ред во градежните активности, но и да се подигне свеста кај инвеститорите за почитување на законските прописи.

Сепак, градоначалникот призна дека Општина Центар нема доволно градежни инспектори за контрола на градилиштата и дека во моментов мора да се потпира на помош од други општини.

„Ниту другите општини немаат доволен број инспектори. За жал, позајмуваме одредени инспектори, како што е градежниот инспектор, што е недозволиво. Направивме неколку повици за вработување. Верувам дека на овој последен, којшто е во тек, ќе успееме да вработиме градежен инспектор“, рече Герасимовски.

На прашањето дали инвеститорите го користат недостигот од инспекциски надзор за да импровизираат при изведувањето на градежните активности, Герасимовски одговори потврдно.

„За жал, ја искористуваат, но имаме и други инспектори коишто ги праќаме на терен за да прават увид“, истакна тој.

Градоначалникот предупреди и на проблемите со несовесните инвеститори кои, според него, ги узурпираат тротоарите, оставаат градежни материјали на јавни површини и несоодветно ги обезбедуваат градилиштата.

Герасимовски нагласи дека општинските служби континуирано излегуваат на терен, но дека недостигот од соодветен инспекциски кадар останува сериозен предизвик за контролата на градежните активности во една од најурбанизираните скопски општини.

Ноќно студио

Најнова епизода

Ноќно студио со Горан Герасимовски 20.10.2026

Сите епизоди →
Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни