Македонија

Медицинските сестри се жалат дека се изоставени од јавната расправа за Законот за пушење

Медицинските сестри се жалат дека се изоставени од јавната расправа за Законот за пушење

По повод вчерашната јавна расправа во Собранието на Македонија за предложените измени и дополнувања на Законот за пушење, од Унија на ЗМСТАС, предводена од ЗМСТАС ‘ЗА НАС’ изразуваат сериозна загриженост поради фактот што медицинските сестри не биле повикани ниту вклучени во процесот на јавната дебата.

Како што велат, иако медицинските сестри континуирано и активно учествуваат во креирање, спроведување и реализација на едукативни програми, превентивни активности и јавно-здравствени интервенции поврзани со намалување на пушењето и заштита на јавното здравје, нивното изоставување од ваква значајна расправа претставува сериозен пропуст.

„Медицинските сестри се здравствени професионалци кои се во директен и секојдневен контакт со пациентите, семејствата и заедницата. Нивното практично искуство, професионално знаење и увид во реалните потреби и предизвици на терен се од суштинско значење при носење законски решенија кои имаат директно влијание врз јавното здравје.

„Медицинските сестри се незаменлив дел од здравствениот систем и носители на превентивните и едукативните активности поврзани со намалување на пушењето. Нивната секојдневна работа со пациентите и заедницата ни дава јасен и реален увид во последиците од пушењето и потребата од силни и применливи законски решенија.

Фактот што медицинските сестри не беа вклучени во јавната расправа за измените на Законот за пушење е загрижувачки и претставува пропуст кој ја осиромашува јавната дебата. Без нивниот глас, искуство и стручност, не може да се говори за вистински инклузивен и мултидисциплинарен пристап во креирањето здравствени политики.

Како Унија на ЗМСТАС, предводена од ЗМСТАС ‘ЗА НАС’, бараме активно, рамноправно и суштинско вклучување на медицинските сестри во сите идни процеси на носење закони и политики кои директно влијаат врз јавното здравје.“ – вели м-р Гордана Бешлиовска, претседател на Унија на ЗМСТАС предводена од ЗМСТАС „ЗА НАС“.

Исклучувањето на медицинските сестри од вакви значајни процеси не само што ја намалува квалитетната мултидисциплинарна дебата, туку испраќа и порака за недоволно препознавање на нивната улога во превенцијата, промоцијата на здравјето и здравственото воспитување на пациентите и корисниците.

Апелираме до надлежните институции, како и до професионалните здруженија, во иднина да обезбедат транспарентен, инклузивен и одговорен пристап, односно навремено и суштинско вклучување на медицинските сестри во сите идни јавни расправи, учество во работни групи за подготовка и измена на здравствени закони, почитување на принципот на мултидисциплинарен пристап во креирањето здравствени политики со активно учество на медицинските сестри како рамноправни партнери во процесот“, велат од таму.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни