Свет

Македонската амбасада во Швајцарија со итен број за помош

Македонската амбасада во Швајцарија со итен број за помош

Швајцарија и регионот се завиени во црно по страотниот пожар во барот „Ле Констелејшн“, каде досега се потврдени околу 40 жртви, а неофицијалните бројки од соседните земји се искачуваат и до 47 починати. Додека властите предупредуваат дека идентификацијата на загинатите ќе трае со недели, македонската јавност е на нозе по веста за исчезнувањето на млад Македонец во критичната ноќ.

Апел за помош: Сè уште нема трага од младиот Стивен Ивановски

Семејството и пријателите на Стивен Ивановски очајно молат за каква било информација за неговата локација. Стивен последен пат е виден во преполниот бар на 31 декември, облечен во бели панталони и бел дуксер.

Постои загриженост дека тој можеби е меѓу повредените во болниците во Женева или Цирих. Доколку имате било какви сознанија, семејството апелира да контактирате на броевите: 076 415 0868, 076 385 7165 или 078 229 5745.

Македонската амбасада во состојба на подготвеност

Амбасадата на Република Северна Македонија во Швајцарија соопшти дека будно ја следи состојбата и е подготвена да пружи асистенција на сите наши државјани засегнати од несреќата. За итни случаи, отворен е дежурниот телефонски број: +41 79 923 79 57.

Сведоштво од пеколот: „Луѓето не чувствуваа дека лицата им горат“

Сведоштвата од местото на настанот се застрашувачки. Деветнаесетгодишниот Оскар, кој се наоѓал пред влезот на барот, го опишува ужасот како сцена од „хорор филм“.

„Луѓето удираа по дебелите стакла и врескаа. Некои излегуваа со целосно изгорени лица, но поради адреналинот не чувствуваа ништо и ме прашуваа дали се повредени“.

Поголемиот дел од гостите во барот биле млади на возраст од 15 до 20 години. Поради интернационалниот карактер на зимскиот центар, меѓу настраданите има лица од повеќе националности, што дополнително ја отежнува работата на истражните органи.

Во Швајцарија е прогласена петдневна жалост, а знамињата се спуштени на половина копје во чест на жртвите на оваа, како што ја нарекуваат властите, една од најлошите трагедии во историјата на земјата.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни