Пожарот во барот во швајцарскиот ски-центар Кран-Монтана на новогодишната ноќ, кој однесе десетици животи, е последен во низата трагични инциденти што го потресоа светот. Низ историјата, комбинацијата на пиротехника, несоодветна изолација и блокирани излези се покажа како фатална формула.
Неодамнешни трагедии (2022 – 2025)
- Декември 2025 (Индија): Пожар во популарен клуб во Гоа усмрти 25 лица, меѓу кои туристи и вработени.
- Март 2025 (Македонија): Трагедија во клубот „Пулс“ во Кочани. Пиротехнички пламен го запали таванот, по што настана метеж во кој загинаа 63 лица, главно млади луѓе, а над 200 беа повредени.
- Април 2024 (Турција): Во ноќниот клуб „Маскерејд“ во Истанбул загинаа 29 работници за време на реновирање на објектот сместен во подрум на 16-катница.
- Октомври 2023 (Шпанија): Пожар кој започна во еден, а се прошири во три клуба во Мурсија однесе 13 животи.
- Јануари 2022 (Камерун): Огномет го запали таванот во клубот „Ливс“ во Јаунде, предизвикувајќи експлозии на плински боци. Загинаа 17 лица.
Најтешките катастрофи во последните децении
- Октомври 2015 (Романија): Во клубот „Колектив“ во Букурешт, пиротехника за време на рок концерт уби 64 лица, а 190 беа повредени.
- Јануари 2013 (Бразил): Еден од најстрашните пожари во историјата. Во клубот „Кисс“ загинаа 242 лица поради запалена изолациона пена која ослободи отровни гасови.
- Декември 2009 (Русија): Во клубот „Куциот коњ“ во Перм, внатрешен огномет го запали пластичниот таван украсен со гранки, при што загинаа 152 лица.
- Декември 2004 (Аргентина): Во клубот „Кромањон“ во Буенос Аирес, сигнална ракета го запали таванот, усмртувајќи 194 луѓе. Сопственикот беше осуден на 20 години затвор.
- Февруари 2003 (САД): Пожарот во клубот „Стејшн“ во Род Ајленд однесе 100 животи откако бендот активираше огномет кој ја запали запаливата пена на ѕидовите.
Историски инциденти со огромен број жртви
- Декември 2000 (Кина): Несреќа при заварување предизвика пожар во дискотека во Луојанг, при што загинаа рекордни 309 лица.
- Март 1996 (Филипини): 162 жртви, главно студенти, во клубот „Озон Диско“ во Кезон Сити.
- Март 1990 (САД): Намерен пожар во клубот „Хепи Ленд“ во Бронкс, Њујорк. Напаѓачот истурил бензин на единствениот излез откако се скарал со девојката. Загинаа 87 лица.
- Ноември 1942 (САД): Најсмртоносниот пожар во историјата на САД во клубот „Коконат Гров“ во Бостон, каде загинаа 492 лица. Оваа трагедија ги наметна денешните строги закони за противпожарни прскалки и јасни излези.
- Април 1940 (САД): 209 загинати во клубот „Ритам“ во Мисисипи. Прозорците биле заковани со даски за да се спречи луѓето да влегуваат без влезница.