Гребенот од песок и глина на кој се наоѓаат десетици куќи над карпата продолжува да се урива, а во текот на ноќта се урна трикатна станбена зграда во населбата Санта Кроче, објави Анса.
Во урнатините се видени делови од соби и мебел, додека експертите предупредуваат дека лизгањето на земјиштето може да се движи подалеку кон центарот на градот.
Пожарникарот од Калтанисета, Франческо Турко, изјави дека уривањето на зградата е поврзано со обилните дождови во последните денови, кои дополнително ја еродирале веќе загрозената почва, така што структурата повеќе не можела да го издржи.
Дождовите го забрзуваат лизгањето на земјиштето и предизвикуваат загриженост дека црвената зона – област каде што е забранет пристапот – ќе се прошири од сегашните 150 метри.
Претседателот на Апелациониот суд во Калтанисета, Доменика Мота, изјави дека ситуацијата во Нисеми е „приоритет на Италија“, додека обвинителот Салваторе Вела го истражува лизгањето на земјиштето поради сомневање за небрежност.
Истрагата има за цел да утврди дали запоставените мерки за консолидација или човечките интервенции, како што се дупчење бунари или нелегално одводнување, ја влошиле состојбата на земјиштето.
Одделот за цивилна заштита соопшти дека продолжува да го следи свлечиштето и дека раководителот на одделот, Фабио Чичилијано, наредил спроведување на хидрогеолошка анализа на ризик, како и програма за геотехничко и инструментално следење.
Италијанскиот министер за цивилна заштита, Нело Мусумечи, потпиша декрет со кој се формира студиска комисија за истражување на причините, брзината на движење и ризикот од свлечиштето.
Училиштата во Нисеми ќе бидат повторно отворени во понеделник.
За обновување на сообраќајот е завршен и обиколницата што ги поврзува покраинските патишта 10 и 12, додека се очекува работата на преостанатиот дел од патот да биде завршена следната недела.