Силни снежни врнежи и дожд ја погодија Романија во среда, оставајќи околу 200.000 домаќинства без струја. Бурата предизвика и големи проблеми во сообраќајот, со блокирани автопати и државни патишта, а десетици возови доцнеа, изјави министерот за енергетика Богдан Иван, пренесува Ројтерс.
Во главниот град Букурешт, под слој снег од 40 сантиметри, јавниот превоз функционираше лошо. Паднати дрвја го попречија патниот и железничкиот сообраќај, а училиштата беа затворени во неколку градови. Националната агенција за итни интервенции објави дека десет амбулантни возила се заглавени во снегот во шест окрузи.
„Од вкупно 200.000 погодени домаќинства, струјата е вратена во околу 86.000. Проблеми се пријавени во 266 градови“, изјави Иван за новинарите.
Министерот додаде дека просечната потрошувачка на електрична енергија во Романија изнесува 7,4 GW, а вишокот произведен во ветерните и хидроелектраните е извезен. Тој исто така изјави дека производството се зголемило за 11 проценти, а потрошувачката за 6 проценти во споредба со претходната година.