Свет

Експлозија во канцеларија за регрутирање во Украина

Експлозија во канцеларија за регрутирање во Украина

Eксплозија во канцеларија за воена регрутација во градот Коломија во регионот Ивано-Франкивск во западна Украина е класифицирана како терористички напад, соопшти канцеларијата на регионалниот обвинител.

Веста доаѓа во време на пораст на напади врз возила на украинските вооружени сили низ целата земја. Само во последните две недели, во Одеса се пријавени два вакви инциденти.

Во експлозијата, која се случи во среда навечер, никој не е повреден, но детонацијата ги скрши прозорците и ја оштети канцеларијата. Обвинителството, во соработка со Службата за безбедност на Украина (СБУ) и Националната полиција, ги истражува околностите на инцидентот, вклучувајќи ја причината и можните сторители.

Руските специјални служби, според украинските власти, често регрутираат украински државјани, вклучително и малолетници, за спроведување субверзивни активности. Многумина контактираат со нив преку социјалните мрежи, нудејќи им пари за извршување нелегални задачи, пишува „Киев Индепендент“.

Во исто време, во контекст на тековната мобилизација во Украина, воените регрутни служби честопати се соочуваат со обвинувања, понекогаш оправдани, за присилна мобилизација без почитување на основните граѓански права и за несоодветен третман на регрутите.

Во текот на изминатата година, украинскиот омбудсман за човекови права Дмитро Лубинец примил 6.127 жалби, речиси двојно повеќе отколку во 2024 година.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни