Поранешната министерка за одбрана Славјанка Петровска во гостување на 4TV.mk, во емисијата „4 години од војната во Украина“, предупреди дека хибридните напади имаат за цел да го вознемират населението и да создадат впечаток дека институциите не се способни да одговорат на безбедносните предизвици.
„Крајната цел на хибридните напади е вознемирување на населението и создавање впечаток дека институциите, без оглед која влада е на власт, не се способни да одговорат. Најчесто таргет се земји членки на Алијансата“, истакна Петровска.
Според неа, ваквите активности се дел од поширока стратегија насочена кон поткопување на довербата во НАТО и прикажување на Алијансата како неспособна да се заштити.
Таа потсети на бранот лажни дојави за бомби во 2023 година, кои беа оценети како дел од хибридни сценарија, нагласувајќи дека Алијансата располага со механизми за поддршка на земјите членки во вакви ситуации.
„И тогаш НАТО има механизми како да реагира и да ѝ помогне на земјата членка да се справи со тоа“, рече Петровска.
Осврнувајќи се на последните информации за нови дојави за бомби, таа оцени дека институциите треба дополнително да ги зајакнат сопствените капацитети, особено во делот на рано откривање и спречување на ширење паника.
Петровска потсети и на пожарите во околината на Скопје во летото 2025 година, кои во јавноста беа окарактеризирани како можни хибридни напади, но за кои, како што рече, до денес нема јасни информации за исходот од истрагата.
„Кога станува збор само за лажни дојави, тоа е една димензија. Но кога имате реални настани како пожари што можат директно да ги загрозат животите на граѓаните, тогаш одговорот од властите мора да биде поодлучен и појасен“, нагласи Петровска во гостувањето на 4TV.mk.
Целата емисија во продолжение: