Македонија

Жртва на семејно насилство за 4TV.mk порача дека не се чувствува безбедно во Македонија – вели МВР и ЦСР не преземале мерки!

Жртва на семејно насилство за 4TV.mk порача дека не се чувствува безбедно во Македонија – вели МВР и ЦСР не преземале мерки!

Жена која тврди дека подолг период е жртва на семејно насилство од поранешниот сопруг вечерва јавно проговори во емисијата „Ноќно студио“ на 4TV, посочувајќи дека веќе една година се обидува да добие заштита од надлежните институции.

Во своето сведоштво таа изјави дека случајот го пријавувала и во Министерство за внатрешни работи на Македонија и во Центар за социјални работи, но, како што тврди, досега не биле преземени конкретни мерки за нејзина заштита и за безбедноста на нејзиното малолетно дете.

Според нејзините наводи, по бракоразводната постапка Меѓуопштинскиот центар за социјални работи донел одлука таткото шест пати месечно да има контакт со детето. Таа тврди дека детето покажува вознемиреност и отпор кон овие средби и дека секое преземање е проследено со плач и страв.

Во емисијата била прикажана и видео-снимка за која жената рече дека е направена пред една недела и на која, според неа, се слуша детето како плаче и одбива да оди кај таткото. Таа изјави дека снимките ги доставила до надлежниот центар, но дека ѝ било кажано дека институцијата не е надлежна за понатамошна постапка.

Жената исто така тврдеше дека пред една недела била физички нападната од поранешниот сопруг, при што лекар констатирал повреди. Случајот бил пријавен во институциите, но, како што рече, до денес нема информација дали се преземени мерки.

„Се чувствувам многу несигурно во нашата држава, затоа што една година се борам за моето дете. Пријавувам во Центарот за социјални работи, во МВР, но ништо не се презема“, изјави таа во емисијата.

Таа додаде дека се плаши за својата и за безбедноста на детето и дека, според нејзините зборови, таткото го зема детето и покрај неговото противење.

Ова се тврдења изнесени во телевизиската емисија, а засега нема официјална реакција од надлежните институции во врска со случајот.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни