Македонија

Заев и Димитров најавија тужби за оние кои ги инволвираат во случајот „Рекет“

Премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Никола Димитров, најавија тужби за клевети за оние медиуми и лица кои ги инволвираат двајцата во случајот „Рекет“. И Заев и Димитров отфрлија секаква инволвираност во овој случај.

-Прво, ја повикувам јавната обвинителка да ја потврди веродостојноста на записникот што е направен и чесно е да каже дали е тоа така кажано. Второ, секако дека ќе тужиме, зашто тоа не е точно. Неколку пати, јас отфрлав каква било поврзаност со Боки 13, Бојан Јованоски, врзана со случајот „Рекет“ и до ден-денеска стојам на тие ставови. Апсолутно е обврска на Обвинителството да објави јавно дали тоа така е кажано. Како што видов рано изутрината објавена е само една страница од записникот, а потоа се прераскажува, што претставува сериозна манипулација. Секогаш сакам да ги охрабрам новинарите да истражуваат, да доловат сѐ што е важно за јавноста, но да прават манипулации, за тоа има одговорност. Јас лично, а верувам заедно со мене Радмила Шекеринска, Никола Димитров, Фросина Ременски, сите што сме споменати. Ќе ги повикам заедно со мене да поднесат тужба за клевета и таму да ги отвориме документите и на јавноста да ѝ докажеме дека лаже новинарот кој го лиферува ваквиот запис, рече Заев.

Димитров, пак, посочи дека медиумот кој ја пласирал информацијата, доколку не се извини и не го повлече текстот, ќе поднесе тужба.

„ Барам веднаш да биде повлечена ноторната лага дека сум вмешан во случајот „Рекет“ и извинување за одвратната инсинуација во текстот чиј сам наслов нема врска со наводите внатре. Во спротивно, прв пат во животот ќе тужам. Нема да дозволам пропагандата да ме валка во случај со кој јас немам апсолутно никаква врска. Мене сосема ми е јасно дека мојот последен статус разбуди многу духови кои очигледно единствено се плашат од луѓе без дамка криминал во своите кариери и поважно – луѓе подготвени до последно да се борат за правда“, вели Димитров во демантот.

Извор: ТВ21

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни