Државната комисија за спречување на корупцијата донесе едногласна одлука за поведување постапки против 234 советници од 61 општина низ државата кои не поднеле изјави за имотна состојба и интереси во законскиот рок.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, појасни дека анализата на електронската евиденција открила оти дури една петтина од вкупниот број советници ја игнорирале оваа законска обврска.
Во оваа бројка не се вклучени претставниците од Општина Куманово, за кои веќе се изречени прекршочни налози во претходниот период. Антикорупционерите најавија дека ќе се постапува поединечно за секој предмет, а за оние кои нема да ја платат глобата во рок од осум дена, ќе бидат иницирани прекршочни постапки пред надлежната комисија.
Имињата на сите советници кои го прекршиле законот ќе бидат јавно објавени на веб-страницата на ДКСК веднаш по започнувањето на процесите.