Најавената аукција за службеното возило „ауди А6“, која требаше да се одржи на 16-ти овој месец, е стопирана поради извршна постапка за стар општински долг. Наместо за поддршка на спортот и социјалните категории, возилото стана заложник на ненамирени обврски од минатото.
Од Општина Струга појаснуваат дека пречката доаѓа од извршно решение за долг наследен од 2016 година. Првичната сума од 1,4 милиони денари, поради повеќегодишни камати пресметувани од 2018 година, денес достигна вредност од околу три милиони денари.
Градоначалникот Менди Ќура веќе е во комуникација со засегнатите страни за да се изнајде решение. Целта на локалната самоуправа беше со парите од продажбата на луксузниот автомобил да се купи комби-возило, наменето за потребите на локалните спортски клубови и Центарот за деца со посебни потреби.
„Овој случај е уште еден показател за тешката финансиска состојба и товарот од наследените долгови со кои се соочува општината“, велат од кабинетот на градоначалникот.
Автомобилот „ауди А6“ со години беше во фокусот на јавноста, откако беше набавен за 67.000 евра во мандатот на поранешниот градоначалник Рамиз Мерко, и тоа во период кога општинската сметка беше блокирана. Иако за овој случај се водеше судска постапка, судот во Струга пресуди дека нема вина кај Мерко за набавката на возилото.