Македонија

Проклетството на луксузното „ауди“: Струга остана без комбе за децата поради долг од 2016 година

Проклетството на луксузното „ауди“: Струга остана без комбе за децата поради долг од 2016 година

Наместо спортските клубови и децата со посебни потреби во Струга да добијат ново комбе, во општинскиот двор и понатаму ќе „фаќа прашина“ фамозното ауди А6. Иако беше планирано овој симбол на раскошот на претходната власт да оди на „добош“ на 16-ти овој месец, планот го расипаа извршители.

Што се случи? Општината се сопна на сопственото минато. Извршна постапка за долг стар речиси една деценија (од 2016 година) ја блокираше продажбата. Она што некогаш било долг од 1,4 милиони денари, со каматите што течат од 2018 година, денес порасна на вртоглави 3 милиони денари.

Градоначалникот Менди Ќура сега се обидува да преговара со доверителите, но реалноста е сурова: старата тешка финансиска состојба на Општината повторно излезе на површина во најлош можен момент.

За потсетување, ова возило беше купено за 67.000 евра од страна на поранешниот градоначалник Рамиз Мерко, и тоа додека општинската сметка беше блокирана. Иако случајот ја брануваше јавноста и стигна до суд, судот во Струга одлучи дека во оваа луксузна набавка – нема ништо спорно.

Сега, додека се чека нов термин за аукција, „аудито“ останува споменик на едно време, а хуманитарната цел за набавка на комбе за оние на кои им е најпотребно, останува на „чекање“.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни