Соседите со месеци слушале расправии, викање и повици за помош од станот во кој живееле мајката и шестгодишната ќерка што трагично го загубија животот во скопската населба Тафталиџе, сведочи нивната сосетка Тања Спировска во емисијата Ноќно студио на 4TV.
Таа раскажува дека повеќепати лично пријавувала во полиција поради галама и сомнеж за семејно насилство, но, како што вели, реакциите на институциите биле ограничени.
„Јас сум на трети кат, тие беа на шести. Неколку пати имам пријавено на 112 и двапати дојде полиција“, вели Спировска.
Според неа, при една од интервенциите полицаецот се однесувал грубо и тропал по вратите на станарите за да открие кој го пријавил случајот.
„Беше околу 11 часот навечер. Одеше од стан на стан, тропаше по вратите и прашуваше каде е жената. Дури ми рече дека можам да добијам пријава за лажно пријавување“, раскажува таа.
По овој настан, таа напишала порака во вибер-групата на станарите, повикувајќи ги соседите да реагираат и да не молчат за насилството.
„Напишав дека машкоста не се покажува со тепање и дека следниот пат ќе повикам и специјалци, затоа што не смееме да бидеме соучесници“, додава Спировска.
Повиците за помош се слушале низ целата зграда
Сосетката сведочи дека расправиите и насилството траеле подолг период и често се слушале низ целата зграда – преку ходниците и вентилацијата, а инциденти се случувале и надвор од станот, пред зградата и во лифтот.
Особено вознемирувачки, како што вели, биле ситуациите кога малото девојче барало помош.
„Комшии кажуваа дека девојчето тропало по врати и барало помош за мајката. Детето беше постојано до неа и изгледаше многу исплашено“, раскажува таа.
Еден момент, кој вели дека никогаш нема да го заборави, се случил доцна во ноќта.
„Во два часот по полноќ се слушна како девојчето вика: ‘Тато ќе ја убиеш мама’. Таа реченица ми остана засекогаш во глава“, вели Спировска.
Пријави имало, но одговорноста останува отворено прашање
Според нејзините зборови, насилството не било изолиран инцидент, туку проблем кој траел подолго време и за кој повеќе соседи пријавувале. Таа додава дека дури поднела и претставка до внатрешна контрола поради однесувањето на полицаец при една од интервенциите.
„Можеби ова ќе можеше да се спречи. Ние комшиите пријавувавме, но немаше повратна информација од институциите“, вели таа.
Спировска посочува дека, според информациите во јавноста, родителите биле во бракоразводна постапка, а мајката ретко зборувала за проблемите.
„Беше многу повлечена. Дури и кога некоја комшика прашала што се случува, таа рекла дека не знае. Очигледно била исплашена“, додава таа.
Чувство на вина кај соседите
По трагичниот настан, соседите тешко се соочуваат со случувањата.
„Не можеме ни да поминеме покрај местото. Сите се гледаме меѓу себе и се прашуваме дали можевме нешто повеќе да направиме“, вели Спировска.
Таа смета дека одговорност треба да се бара и кај повеќе институции – полицијата, Центарот за социјална работа и образовниот систем.
„Станува збор за шестгодишно дете, ученичка во прво одделение. Некој морал да забележи дека нешто не е во ред“, нагласува таа.
На крајот упати порака до жртвите на семејно насилство да не молчат и да бараат помош.
„Ги охрабрувам сите, особено жените, да пријавуваат и да бидат храбри. Семејното насилство мора да се искорени, затоа што ако не извлечеме поука од вакви трагедии, ќе продолжиме да губиме животи“, порача Спировска.