„Не знам повеќе како да го свртам вниманието. Времето минува, а случајот паѓа во заборав. Сакам само да знам што се случи со мојата сопруга“, со овие зборови Дејан Јанков утрово го започна својот штрајк со глад пред полициската станица во Свети Николе.
Поминаа девет месеци откако на неговата сопруга, 45-годишната Злата Јанкова, и се губи секоја трага, а Дејан вели дека нема да се тргне оттука сè додека институциите не преземат конкретни чекори.
Трагедијата започна на 16 јуни 2024 година, во атарот на селото Орел. Злата и Дејан работеле на својот земјоделски имот. Околу пладне, Злата тргнала пеш кон патот со намера да повика такси до Свети Николе. Оттогаш, нејзиниот мобилен телефон ѕвонел со часови без одговор, а таа никогаш не пристигнала дома.
„Ако нашите служби не можат да ги пронајдат исчезнатите, нека бараат помош од странство. Ова не е игра, ова е човечка судбина“, дециден е Дејан.
Иако семејството пребарало километри терен, а неодамна областа беше детално помината и од тимови кои гаснеа голем пожар во истиот регион, ниту еден предмет или трага од Злата не се пронајдени. Како единствен сомнителен детаљ се споменува сив „голф“ со скопски таблички кој поминал во тој период, но истрагата за ова возило досега не донела резултат.
Јанкови се познато и чесно земјоделско семејство. Додека Дејан штрајкува на улица, дома го чекаат неговите двајца синови на возраст од 17 и 24 години. „Порано деновите ги поминувавме во работа со пчелите и градината, сега ги поминувам во пребарување и надеж,“ вели тој низ солзи.
Дејан Јанков апелира до МВР и до обвинителството случајот на Злата да не стане само уште бројка во статистиката на исчезнати лица, туку приоритет кој бара итно решение.