Македонија

Стефановски: Тајната дипломатија е клучна за разврската на конфликтите

Стефановски: Тајната дипломатија е клучна за разврската на конфликтите

Во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, аналитичарот Милан Стефановски истакна дека, иако во одредени периоди се намалува интензитетот на воздушните напади, вистинските процеси што водат кон решавање на конфликтите се одвиваат зад затворени врати.

Според него, искуството покажува дека тајната дипломатија игра пресудна улога – и пред, и за време, и по завршувањето на воените операции. „За секој конфликт постојат тајни преговори, но тие стануваат видливи дури по неколку години“, нагласи Стефановски, додавајќи дека токму тие канали се насочени кон изнаоѓање одржливи решенија.

Тој оцени дека без вакви преговори, не може да се постигне вистинска цел, посочувајќи дека и јавноста во САД, Европската Унија и НАТО често нема целосен увид во реалните дипломатски процеси. Според него, САД имаат интерес да водат паралелни преговори, но и Иран настојува да ги наметне своите услови.

„Иран не е држава што може да се порази брзо со воени средства“, истакна аналитичарот, додавајќи дека краткорочни воени акции не носат трајно решение. Напротив, според него, исходот неизбежно води кон дипломатски договори со актуелниот режим.

Стефановски се осврна и на поширокиот геополитички контекст, нагласувајќи дека конфликтот има импликации врз глобалните односи. Тој посочи дека Русија има економски бенефит од кризата, додека Кина има стратешки интереси во Иран, особено преку економска и инфраструктурна соработка.

Во анализата, тој ја истакна и комплексната мрежа на односи што Иран ја има со двете сили, вклучително и во рамките на БРИКС, но и надвор од него. Долгогодишните санкции, според Стефановски, го принудиле Иран да развие алтернативни партнерства и да се позиционира како важен играч во глобалната економија и безбедност.

Дополнително, тој посочи дека повлекувањето на САД од Авганистан и промените во ангажманот на големите сили во Сирија укажуваат на ново прераспределување на влијанието. Во таа насока, постојат претпоставки дека Русија делумно го намалува своето присуство во Сирија, оставајќи простор за други актери, вклучително и Иран.

На крајот, Стефановски заклучи дека глобалните сили постојано бараат територии и региони преку кои ќе го проектираат своето влијание, а Блискиот Исток останува еден од клучните простори каде се судираат тие интереси. Решението, според него, нема да дојде преку воена доминација, туку преку сложен процес на преговори и геополитичко усогласување.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни