Мензата во РЕК Битола останува затворена откако Агенцијата за храна и ветеринарство и Државниот санитарен инспекторат интервенираа по сомневањата за труење со храна. Од институциите информираат дека објектот ќе биде затворен сè до добивање на конечните резултати од анализите.
Во меѓувреме, Центарот за јавно здравје врши детални испитувања на земените мостри од површини, а спроведена е и епидемиолошка анкета меѓу вработените.
Според последните информации, вкупно 81 вработен во РЕК Битола побарал лекарска помош во ЈЗУ Клиничка болница Битола поради симптоми како стомачни болки, повраќање и покачена температура. Како што изјави инфектологот Хараламбос Сидиропулос, кај најголемиот дел од пациентите се работи за полесна клиничка слика и тие се пуштени на домашно лекување, додека едно лице е задржано на Интерното одделение за понатамошен третман.
Според исказите на пациентите, здравствените проблеми се појавиле по конзумирање на лазањи со сос во работничката менза. Дел од вработените примиле и инфузиона терапија.
Од ЕСМ, под чија надлежност работи кујната преку „ЕСМ Молика“, претходно демантираа дека станува збор за масовно труење. Сепак, надлежните институции продолжуваат со истрагата за утврдување на точната причина за инцидентот.