Македонија

ЛДП покрена петиција за електронски нараквици за сторителите на семејно насилство

ЛДП покрена петиција за електронски нараквици за сторителите на семејно насилство

Либерално-демократската партија покрена онлајн петиција со цел да собере 10.000 потписи за иницијатива за референдум за итно воведување електронски нараквици за насилниците и сторителите на семејно насилство.

Според предлогот, електронскиот надзор треба да овозможи предупредување на жртвата и алармирање на надлежните кога лицето на кое му е изречена забрана за приближување ќе го прекрши дозволеното растојание.

„Електронската нараквица ќе ја предупреди жртвата и ќе ги алармира надлежните кога насилникот е поблиску од законски утврденото растојание“, се наведува во петицијата.

Според објавените информации, во моментот на известувањето биле собрани околу 850 потписи.

Пратеничката и претседателка на ЛДП, Моника Зајкова, реагираше на социјалните мрежи, посочувајќи дека пратениците двапати го одбиле предложеното законско решение.

Барањето повторно се актуелизира по трагедијата во Богданци, каде што беа пронајдени две безживотни тела. Според информациите наведени во повикот, на настанот му претходела пријава за партнерско насилство врз 17-годишна девојка.

Со иницијативата ЛДП бара дополнителен механизам за заштита на жртвите и навремена реакција при прекршување на забраните за приближување.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни