Македонија

Владата подготвува намалување на акцизите: Дизелот поевтинува за 4 денари, бензините за 2

Владата подготвува намалување на акцизите: Дизелот поевтинува за 4 денари, бензините за 2

Во обид да се ублажи растот на цените на горивата, Владата подготвува нов пакет мерки, меѓу кои и намалување на акцизите за дизелот и бензините. Премиерот Христијан Мицкоски денеска најави дека условите за ваков чекор се веќе исполнети и дека одлуката ќе се разгледува на утрешната владина седница закажана во 11 часот.

Според најавите, акцизата за дизел горивото би се намалила за 4 денари по литар, додека кај бензините намалувањето би изнесувало 2 денари. Овие мерки доаѓаат во момент кога, според владините пресметки, цените на горивата би можеле дополнително да пораснат.

„Нашите анализи покажуваат дека дизелот требаше да поскапи за околу 7 денари, а бензините за 1,5 до 2 денари. Со намалувањето на акцизите очекуваме цената на дизелот да се коригира за околу 3 денари“, изјави Мицкоски.

Дополнително, Владата планира да ги продолжи разговорите со компанијата ОКТА за евентуално продолжување на постојниот попуст од 3 денари за дизелот и 2 денари за бензините. Доколку попустите останат на сила, можно е да нема зголемување на цената на дизелот, а бензините дури и дополнително да поевтинат.

Премиерот посочи дека намалувањето на акцизите ќе има значително влијание врз државниот буџет, проценето на десетици милиони евра, но уверува дека финансиската стабилност нема да биде доведена во прашање.

„Во Буџетот има доволно средства благодарение на домаќинското работење“, истакна тој.

Како дополнителна мерка, најавено е и продолжување на намалената стапка на ДДВ за горивата од 10 проценти за уште две недели. По тој период, Владата ќе ја следи состојбата на пазарот и ќе носи нови одлуки во зависност од движењата на цените.

Со овие чекори, властите се обидуваат да го намалат притисокот врз граѓаните и стопанството во услови на нестабилни цени на енергенсите на светските пазари.

Имате вест, приказна или проблем? Пиши ни