Независниот пратеник Миле Цеков во емисијата Ноќно студио на 4ТВ испрати една од своите најостри критики досега кон правосудството, политичкиот систем и состојбата во државата, предупредувајќи дека граѓаните секојдневно ја губат довербата во институциите.
Цеков побара итен ветинг по албански модел, закон за потекло на имот за сите функционери и целосно „ресетирање“ на системот, кој според него е заробен од партиски и семејни влијанија.
„Додека правдата е бавна за моќниците, народот секој ден гледа дека законите не важат подеднакво за сите“, изјави Цеков.
„Каде се одговорните за крупните скандали?“
Пратеникот отвори низа прашања поврзани со случаи кои долго ја брануваат јавноста, оценувајќи дека државата нема резултати во борбата против високата корупција.
„Кој понесе одговорност за петте тони марихуана? Кој ќе одговара за Артан Груби? Зошто правдата е толку бавна? Ова се прашања што граѓаните ми ги поставуваат секој ден“, рече Цеков.
Според него, токму селективната правда е една од главните причини за разочараноста кај граѓаните и за масовното иселување на младите.
Закон за потекло на имот за сите функционери
Цеков најави иницијатива за носење Закон за потекло на имот, кој би ги опфатил министрите, пратениците, директорите и сите именувани функционери.
„Секој што извршува јавна функција мора јасно да докаже како го стекнал својот имот. Без тоа нема правна држава“, порача тој.
„Семејното правосудство“ мора да заврши
Најостри критики независниот пратеник упати кон состојбите во судството и обвинителството, тврдејќи дека системот е затворен круг на семејни и политички врски.
„Недозволиво е таткото да е судија, ќерката обвинител, синот адвокат, а сопругата народен правобранител. Токму овие семејни релации го уништуваат системот“, изјави Цеков.
Како решение предложи целосен ветинг на судиите и обвинителите по примерот на Албанија, оценувајќи дека без радикални реформи државата ќе остане заробена во истиот модел.
„Нема да бидам ничиј пратеник“
Цеков категорично ги отфрли шпекулациите дека ќе се приклучи на друга пратеничка група, велејќи дека негови „коалициски партнери“ се правдата, чистата животна средина и економскиот развој.
„Ќе поддржам сè што е добро за граѓаните, без разлика дали доаѓа од власта или од опозицијата“, истакна тој.
„Казина на секој чекор, а болниците се распаѓаат“
Во интервјуто Цеков отвори и прашања за социјалната и економската состојба во државата, посочувајќи дека казината и брзите кредити стануваат секојдневие, додека јавните услуги пропаѓаат.
Тој побара сериозни ограничувања за обложувалниците и казината, предупредувајќи дека тие го уништуваат семејниот буџет и иднината на младите.
„На секој агол има казина и брзи кредити, а болниците, училиштата и градинките ни се распаѓаат“, рече Цеков.
„ЕУ нема магично да нè промени“
Осврнувајќи се на уставните измени и европските интеграции, Цеков порача дека Македонија треба да стане дел од Европска Унија, но без, како што рече, загрозување на македонскиот идентитет и јазик.
„Сакам Македонија во ЕУ, но со чист македонски јазик, идентитет и култура. Тоа не е тема за преговарање“, истакна тој.
Според него, уставните измени не смеат да бидат одлука на еден пратеник, туку резултат на широк национален консензус.
Цеков предупреди дека политичарите премногу ја користат европската агенда како изговор за домашните неуспеси.
„Европа нема да дојде да ни ги исчисти депониите, ниту е виновна за корумпираните директори, судии и обвинители. Промената мора да почне од нас“, заклучи независниот пратеник.