Новите автомобили што ќе се продаваат на европскиот пазар ќе добијат систем за автоматско следење на емисиите на издувни гасови, а игнорирањето на одредени дефекти може да доведе до блокирање на повторното палење на моторот. Ова е предвидено со новите европски стандарди Euro 7, чија примена започнува во фази.
Новите правила најпрво ќе важат за новите модели автомобили и комбиња за кои се бара европско одобрение. Од 29 ноември 2027 година ќе се применуваат и на новите возила од овие категории што се регистрираат во Европската Унија, додека малите производители имаат дополнителен рок до 1 јули 2030 година.
Важно е да се нагласи дека регулативата не се однесува на автомобилите што веќе се во употреба и нивните сопственици нема да мора да прават дополнителни измени.
Како ќе функционира новиот систем?
Со Euro 7 се воведува систем за следење на емисиите во реални услови на возење, познат како „on-board monitoring“. Тој ќе открива дефекти или манипулации што ја попречуваат контролата на издувните гасови.
Кога системот ќе утврди проблем, на возачот ќе му биде прикажано предупредување дека е потребна поправка, како и информација за преостанатото растојание до евентуалната блокада на повторното палење.
Процесот нема да се активира веднаш. Производителите можат да предвидат одложување до 400 километри, освен во случаи кога системот ќе посомнева дека има манипулација. По поминати 1.400 километри предупредувањето станува постојано, а доколку дефектот не биде отстранет ниту по 2.400 километри, блокадата може да се активира при следното започнување на возењето.
Автомобилот нема да се изгаси додека е во движење
Предвидени се четири начини на кои производителите ќе можат да ја спроведат блокадата: ограничување на бројот на нови палења на најмногу 20, овозможување возење до празнење на еден полн резервоар, забрана за палење по следното точење гориво или заклучување на отворот за резервоарот.
Палењата што ги прави системот „start-stop“ нема да се бројат во ограничувањето. Кај хибридните возила, возењето само на електрична енергија и понатаму ќе биде можно.
Регулативата предвидува возилото да не биде спречено да го заврши веќе започнатото патување, односно моторот нема да се исклучи додека автомобилот е во движење.
Доколку возачот го поправи дефектот, а проблемот повторно се појави во првите 400 километри, мерката може повторно да се активира, при што ќе бидат дозволени најмногу три нови палења.
Од правилата се изземени возилата што ги користат спасувачките служби, армијата, цивилната заштита, пожарникарите и полицијата.
Што значи Euro 7 за возачите во Македонија?
Македонија не е членка на Европската Унија, па европската регулатива не се применува директно во земјава. Сепак, бидејќи новите модели автомобили се развиваат за европскиот пазар, очекувано е возилата со овие системи да бидат достапни и во салоните во Македонија.
Тоа значи дека и домашните купувачи на нови автомобили би можеле да се соочат со овие технологии, зависно од моделот и пазарот за кој е наменето возилото.