Повторно се шират измамнички СМС-пораки за наводни сообраќајни казни, МВР апелира граѓаните да не отвораат сомнителни линкови и да не внесуваат лични и банкарски податоци.
Од Министерството за внатрешни работи информираат дека во изминативе денови е забележана зачестена појава на пораки испратени од странски телефонски броеви, во кои лажно се тврди дека граѓаните имаат регистриран сообраќаен прекршок и треба да платат казна преку интернет.
Според МВР, измамниците испраќаат линк до лажна веб-страница која визуелно наликува на официјалната страница на Министерството. Откако корисниците ќе кликнат на линкот, од нив се бара да внесат регистарска табличка, а потоа и податоци од платежна картичка за наводна уплата на казна.
„Апелираме до граѓаните да бидат претпазливи и да не веруваат на пораки кои доаѓаат од нелегитимен веб-сајт на Министерството, ниту да оставаат свои лични податоци и податоци од својата платежна картичка“, соопштија од МВР.
Оттаму додаваат дека вистинските пораки од Министерството се испраќаат исклучиво од испраќач означен како „MVR-SC“ (MVR Safe Country).
Секторот за компјутерски криминал при МВР ги повика граѓаните и правните субјекти да не отвораат сомнителни линкови и документи испратени од непознати испраќачи, со цел да се избегнат злоупотреби и финансиски измами.