Свет

Трамп дојде во Пекинг за помош во војната со Иран

Трамп дојде во Пекинг за помош во војната со Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп пристигна во Пекинг со големи очекувања дека Кина може да помогне во решавањето на војната со Иран, која сериозно го потресе глобалниот енергетски пазар и ја доведе во прашање безбедноста на еден од најважните морски премини во светот – Ормутскиот теснец. Сепак, првите разговори со кинескиот лидер Си Џинпинг покажаа дека Пекинг засега нема намера да го промени својот претходен претпазлив став.

Кина е еден од најблиските дипломатски партнери на Иран и најголем купувач на неговата нафта, поради што Вашингтон веруваше дека Си може да изврши притисок врз Техеран да ги прифати американските услови за мир. Трамп по средбата изјави дека кинескиот претседател понудил помош во решавањето на конфликтот, но во исто време нема индикации дека Кина е подготвена да преземе поконкретни чекори против Иран.

Дополнителна конфузија предизвика изјавата на американскиот државен секретар Марко Рубио, кој рече дека САД всушност не побарале од Кина да посредува во преговорите со Иран. Ова остави нејасно колку Вашингтон навистина смета на кинеска помош.

Во заедничките изјави по разговорите, двете страни главно ги повторија своите веќе добро познати позиции. Белата куќа соопшти дека САД и Кина се согласиле дека Ормускиот теснец мора да остане отворен за меѓународен сообраќај и дека Иран не смее да поседува нуклеарно оружје. Исто така, нагласи дека Кина се спротивставува на милитаризацијата на овој стратешки премин и какво било воведување такси за негово користење.

Сепак, кинеската страна не покажа знаци дека отстапува од својата претходна политика. Пекинг претходно повика на зачувување на слободната пловидба низ Ормускиот теснец и нагласи дека поддржува мирно решавање на конфликтот. Во соопштението на кинеското Министерство за надворешни работи по состанокот дури и не се споменува прашањето за можни такси или дополнителен притисок врз Иран.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни