Жителите на Виница попладнево ќе излезат на улиците во знак на сеќавање и поддршка, каде ќе се одржи 43-от „Марш за ангелите“, посветен на 63-те жртви од трагедијата во Кочани. Маршот ќе започне од плоштадот „Ангел Винички“, по што учесниците ќе се движат низ градските улици испраќајќи порака дека болката и споменот за загинатите не смеат да бидат заборавени.
Организаторите и учесниците посочуваат дека маршот претставува симбол на солидарност со семејствата кои и натаму се справуваат со последиците од трагедијата, но и потсетник дека јавноста очекува целосна одговорност и конкретни промени.
На претходниот марш што се одржа во Кочани беше нагласено дека барањата не се однесуваат само на правда за жртвите, туку и на системски мерки што ќе спречат слични трагедии во иднина.
Со секој нов марш, граѓаните велат дека сакаат да покажат дека поддршката за семејствата не стивнува и дека барањето за вистина останува актуелно.