Свет

Постигнат е прелиминарен договор! Кина и Америка ги намалуваат царините: Еве што тоа значи за глобалната економија

Постигнат е прелиминарен договор! Кина и Америка ги намалуваат царините: Еве што тоа значи за глобалната економија

Народна Република Кина и Соединетите Американски Држави постигнаа прелиминарен договор за намалување на некои тарифи и формирање на две нови трговски тела – трговски совет и инвестициски совет, објави Министерството за трговија на Кина, додавајќи дека се постигнати договори и во областите на земјоделството и воздухопловната индустрија.

Според соопштението објавено на веб-страницата на министерството, двата совети ќе се занимаваат со преговори за реципрочни намалувања на тарифите за поединечни производи, како и пошироки намалувања на одредени групи стоки, вклучително и земјоделски производи.

„Преку трговскиот совет, двете страни ќе разговараат за намалувања на тарифите за одредени производи и во принцип се согласија координирано да ги намалат тарифите за производи од заеднички интерес“, се вели во соопштението без дополнителни детали, објави Политико.

Кинеското министерство додаде дека двете страни се согласиле и да ја промовираат двонасочната трговија со земјоделски производи, како и да ги решат или да постигнат значителен напредок во отстранувањето на нетарифните бариери и проблемите со пристапот до пазарот за одредени земјоделски производи.

Во воздухопловната индустрија, Пекинг и Вашингтон постигнаа договори во врска со купувањето американски авиони од страна на Кина и американските гаранции за снабдување на Кина со авионски мотори и сродни делови.

Трамп беше во официјална посета на Пекинг на 14 и 15 мај, каде што се сретна со Си, а двајцата лидери оценија дека односите меѓу САД и Кина се меѓу најважните во светот и рекоа дека двете земји треба да соработуваат, а не да влегуваат во конфликти, нагласувајќи ја важноста на стабилните билатерални односи за глобалната економија, мирот и меѓународната безбедност.

Трамп ги опиша своите разговори со Си како „многу позитивни и продуктивни“, нагласувајќи ги врските меѓу двете земји, додека Си рече дека Кина и САД „победуваат преку соработка, а губат преку конфронтација“. Американскиот претседател го покани Си да ги посети САД во септември.

Имате вест, приказна или проблем? Пишете ни