Собранието попладнево во рамки на 102. седница усвои повеќе предлог-закони по скратена постапка, при што поддршка добија законски измени во повеќе области, меѓу кои ЈП Македонска радиодифузија, Законот за внатрешни работи, Законот за полиција, како и измените на Законот за финансиска поддршка на инвестиции.
Во текот на расправата, пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Бране Петрушевски, истакна дека со новите законски решенија во Министерството за внатрешни работи се става крај на претходната практика на партиски вработувања на несоодветни кадри. Тој најави и враќање на професионализмот преку формирање на посебна образовна институција.
„Сега тоа нема да се прави, туку се формира средно полициско училиште од каде што државата ќе ги црпи најдобрите кадри коишто веќе ќе бидат подготвени за оној позив којшто значи полициска работа“, нагласи Петрушевски од собраниската говорница.
Тој додаде дека реформите веќе имаат ефект во секојдневното функционирање, наведувајќи дека нема редици за лични документи и дека, како што рече, не се издаваат пасоши на криминални структури.
„Сега Македонија е држава којашто има кредибилитет, углед – меѓународен“, подвлече пратеникот, додавајќи дека институциите ќе продолжат со засилени мерки против уличниот криминал и трговијата со дрога.
Седницата беше прекината од пратеникот Антонијо Милошоски, кој образложи дека точките поврзани со меѓународното задолжување за буџетски потреби кај странски банки, како и Годишниот извештај за работата на Судскиот совет за 2025 година, ќе бидат разгледани дополнително, кога ќе се создадат деловнички услови.
Паралелно со ова, пратениците ја завршија и 97. седница, на која беа усвоени повеќе измени во областа на образованието. Меѓу нив се измените во Законот за основно образование за усогласување со електронските документи, како и измените во Законот за образование на возрасните и Законот за стручно образование, со кои се регулираат трошоците за верификација на програмите и платите во Центарот за развој на стручното образование.